Германскиот фудбалски репрезентативец Илкај Гундоган ги напушта редовите на актуелниот англиски и европски првак Манчестер сити и без обесштетување ја продолжува кариерата во шпанскиот гигант Барселона, објавија денеска англиските и шпанските медиуми.
Според весникот „Мундо Депортиво“, досегашниот капитен на Манчестер сити потпишал двегодишен договор со Барселона, до јуни 2025, со опција за продолжување на соработката за уште една година.
Сити се обиде да го задржи 32-годишниот играч за врска, нудејќи му едногодишно продолжување на договорот, со дополнителна една година како опција, но понудата од Барселона била поприфатлива за Гундоган, наведуваат Би-Би-Си и Скај Спорт.
Гундоган изминатата сезона со Манчестер сити ги освои титулите во Лигата на шампиони, англиското првенство и ФА купот.