Јапонските власти денеска побараа од стотици илјади жители на префектурата Окинава, во јужниот дел на земјата, да се евакуираат на безбедно додека се приближува тајфунот Ханун.
Откажани се и стотици летови, јавија француските медиуми.
Неколку градови во префектурата Окинава, која опфаќа голем број острови, утринава издадоа изборна наредба за евакуација. Тајфунот Хунан се движи низ Тихиот Океан со ветрови до 162 километри на час и се очекува вечерва да го погоди островот.
Според податоците на Јапонската метеоролошка агенција, денеска во 10 часот по локално време (01:00 часот по Гринич), моќниот тајфун, што, исто така, е со значителен обем, се наоѓаше на 240 километри југоисточно од главниот град на Окинава – градот Наха.
Локалните власти ги повикаа жителите, кои се изложени на ризик, да побараат побезбедни места, подалеку од своите домови, бидејќи се очекуваат силни ветрови и пороен дожд.
-Многу луѓе остануваат дома затоа што нивните куќи се направени од бетон, но ги повикуваме оние што живеат сами или во дрвени куќи во ниските области да размислат да побараат засолниште на друго место пред да удри тајфунот, изјави вработен во префектурата Окинава, задолжен за управување со катастрофи.
За денеска се откажани над 500 летови до и од Окинава, како и фериботи и автобуските услуги, соопшти државната телевизија НХК (NHK).
Авиокомпаниите „Џапан Ерлајнс“ (Japan Airlines) и „„Ол Нипон Ервејс“ (All Nippon Airways) објавија дека откажувањето на летовите денеска и утре ќе погоди вкупно повеќе од 74.000 патници.