Музичката програма на годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со украинската вечер во чии рамки ќе одржи солиситички концерт на пијанистот, маестро Алексеј Ботвинов.
Во ноември 2015 година Ботвинов беше прогласен за Народен уметник на Украина – највисоко национално уметничко признание, а истата година го основа Меѓународниот фестивал „Одеса класикс“ чиј претседател и уметнички директор е токму тој. Од неговото основање па до денес, фестивалот има сензационален успех и станува еден од најзначајните фестивали во Украина и еден од водечките фестивали во Европа.
Во 2020 година Алексеј Ботвинов е одликуван со орденот „Ѕвезда на Италија“ со одлука на Претседателот на Италија, а истата година ја добива и наградата „Вилијам Тел“ што му ја доделува Швајцарската влада.
Во 2021 година Ботвинов започнува соработка со виолинистот Даниел Хоуп со кој има снимено це-де за продукциската куќа „Дојче Грамофон“ со музика на Алфред Шнитке. По успехот на ова издание, овие двајца уметници повторно соработуваат во 2022 година снимајќи це-де во добротворни цели со наслов „Музика за Украина“, а подоцна истата година снимаат и издание посветено на музиката на украинскиот композитор Валентин Силвестров. Последното снимено издание на Ботвинов што ги содржи третиот концерт на Филип Глас и Двојниот концерт на композиторот Тан Дун треба да биде промовирани ова лето.
За настапот на маестро Ботвинов е резервирана сцената на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се Бах, Шопен, Брамс, Скорик, Силвестров, Караманов и Рахмањинов.