Палатата на нациите во Женева, Швајцарија, која е европско седиште на Обединетите нации, повторно ги отвори вратите за вработените откако утрово кратко време беше затворена поради неодреден безбедносен проблем, јавија британските медиуми.
„Љубезно ве известуваме дека проблемот во Палатата на нациите сега е решен. Сите влезови се отворени и пристапот е дозволен“, се наведува во официјалното соопштение од Обединетите нации.
Европското седиште на организацијата не даде детали за каков проблемот станува збор, а е поврзан со безбедноста.
Палатата на нациите во Женева е дом на Советот на ОН за човекови права. Зградата е и центар за состаноци на дипломати, хуманитарни активисти и владини претставници.