Почнувајќи од денеска, па до 2 септември Прилеп по 12-ти пат е домаќин на фестивалот „Прилеп џез викенд“ (Prilep Jazz Weekend). Фестивалот го задржува досегашниот концепт и ќе понуди ОФ-програма и три џез-вечери во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Отворањето на Фестивалот ќе биде означено со вечерашниот концерт на археолошкиот локалитет „Врбјанска ќука“. Незаборавна вечер ќе понуди Џенгис Ибрахим, еден од врвните музичари на Балканот, препознатлив по ориенталната музика што ја изведува. Ибрахим ќе изведе композиции кои комуницираат со архаичниот амбиент и ги рефлектираат неговите импресии од интеракцијата со древниот свет.
Утре, во клубот „Калинка“ ќе настапат „Next to Silence“, бенд кој започна со свирење реинтерпретирани мелодии од музичари кои издаваа за музичката куќа ECM, но продолжи да создава своја музика. Во составот се: Ади Имери – гитара, Филип Димишковски – клавијатури, Драган Стојковски – бас, Гоце Наумов – барабани.
На првата вечер на 31 август на малата сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе настапат Добрила Грашеска и Доријан Јовановиќ со нивниот последен проект „Пиле Шарено“.





