Во пожар во мала фабрика за облека на Филипините утринава загинаа 15 луѓе бидејќи пожарникарите не можеле навреме да стигнат до зградата поради поплавите во областа и погрешна адреса.
„Покрај поплавите, пожарникарите доцнеа и поради метеж, а им беше дадена и погрешна адреса“, изјави Наум Тароза од Бирото за противпожарна заштита.
Пожарот во селото Таданг Сора во предградието на Кезон Сити е изгаснат по два часа, а истрагата за причините за пожарот е во тек.
„Се претпоставува дека повеќето од жртвите се работници во фабриката, кои спиеле во своите соби кога избувнал пожарот. Меѓу загинатите се и сопственикот на фабриката и неговото дете“, рече Тароза.
Според него, три лица преживеале, панично скокајќи од вториот кат на фабриката.
Во фабриката се чувале запаливи материјали и текстил што се користат за изработка на облека.