Многубројни навивачи ја пречекаа денеска во Франкфурт германската кошаркарска репрезентација по освоениот златен медал на Светското првенство кое се одржа во Јапонија, Филипини и Индонезија.
Германската репрезентација, предводена од најдобриот играч на мундијалскиот турнир Денис Шредер, по долгиот лет од Манила директно од аеродромот се упати кон седиштето на спонзорите во Франкфурт, каде ги пречекаа бројни навивачи, вклучувајќи и деца, како и германски политичари.
– Се надевам дека ќе успееме да ги поттикнеме децата, но и повозрасните, да играат кошарка, рече Шредер, додека во позадина се слушаше песната „We Are The Champions“.
Во Германија, во која фудбалот е најпопуларен спорт, Светското кошаркарско првенство не привлекуваше големо внимание сè до самата завршница во која Шредер и соиграчите во полуфиналето ја совладаа САД со 113-111, а во финалето во неделата во Манила триумфираа над Србија со 83-77.
За германската репрезентативна кошарка ова е прво мундијалско злато во историјата.