Трето издание викендов имаше Лешочкиот камерен музички фестивал. Како и претходните два, така и овој се одржа во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во Лешок.
Првата фестивалска вечер во петокот, во првиот дел настапија дуетите Сања Смилеска – Михајловска (виола) и Михајло Михајловски (виолинист, композитор и музички продуцент), а во вториот дел Шкељзен Пајазити (виолина) и Јетмир Мехмеди (гитара).
Втората фестивалски вечер, вчера, недела 17 септември беше време за настап на младите уметници Мила Николовска – Ѓумар, сопран и Ана Гаштаровска, пијано, како и на гостите од Босна и Херцеговина Иван Оташевиќ на виолина и Снежана Поповиќ-Вулета на пијано.
– Убавината на камерната музика е можноста да се комбинираат две и повеќе инструменти и за кои не е потребен голем концертен подиум туку помал простор или соба. Оттаму и зборот „камерна“ од латинскиот збор „camera“ во значење соба, одаја. Дуетите виолина-виола и виолина-гитара со кои започна фестивалот во Лешок ја пренесоа токму таа убавина на камерното музицирање, истакна Соња Андонов, музиколог, професор во ДМУ „Тодор Скалоски-Тетоец“.
Пијанистката Маја Шутевска-Кировска заедно со својот сопруг, виолинистот Љубиша Кировски, се организатори на фестивалот, а речиси 30 години се присутни на музичката сцена како камерен дует Кировски и долгогодишното концертно искуство од фестивали на вакви локации во странство го пренесуваат и кај нас токму со организирањето на камерниот фестивал во Лешок, како место со особено духовно значење за целиот Полошки регион и пошироко
– Одржувањето вакви фестивали на необични, атрактивни локации, е од особено културно значење за една земја и веќе многу години се во тренд во сите поразвиени земји во Европа, посочи уметничкиот директор на фестивалот Маја Шутевска – Кировска на свеченото отворање на фестивалот.
Ова е трето издание на фестивалот и со што манифестацијата чекори во правец да прерасне во традиционална.