Во интерес на транспарентно информирање, Министерството за култура повторува дека кратење на буџетот за филм нема да има, соопштуваат од Министерството за култура.
„Со оглед на новото соопштение на Агенцијата за филм, информираме дека, сите обврски кои Агенцијата ги има преземено кон своите корисници, ќе бидат навремено сервисирани, согласно динамиката и месечните планови“, се наведува во соопштението од Министерството за култура.
Претходно од Агенцијата за филм реагираа со сопштение во кое бараат реализацијата на филмските проекти да продолжи согласно предвидените динамики.
„Во моментов најавени се два филма за снимање на локации во Македонија. Интернационалните екипи на земјите учесници кои се дел од овие проекти се веќе пристигнати во нашата држава. Финансиските средства кои се планирани за овие и останатите филмски проекти се потребни веднаш и не може да чекаат прераспределба на средствата помеѓу буџетските корисници и преземање на активности од страна на Министерството за култура до крајот на годината за исплата на договорените проекти. Доколку овие планирани средства не се стават во функција на проектите како што е планирано и не се исплатат веднаш, се нанесува директна штета на самите проекти бидејќи ќе се случи зголемување на буџетите изразено во илјадници евра и ќе се наштети на реномето на македонската кинематографија“, соопштија од Агенцијата за филм.