Вториот товарен брод со украинско жито пристигна денеска во Истанбул преку Црното Море, и покрај заканите на Москва дека ќе ги нападне бродовите што влегуваат и излегуваат од Украина, се наведува на веб страниците кои го следат поморскиот сообраќај.
Бродот „Аројат“ кој плови под знамето на Палау тргна во петокот од Черноморска кај Одеса.
Тоа е вториот брод што помина низ тој поморски коридор. Од страна на Кијив беше воспоставен коридор долж западниот брег на Црното Море за да се заобиколи блокадата на Русија.
Според веб-страниците кои го следат поморскиот сообраќај, бродот „Аројат“ со 17.600 тони украинско жито, наменет за Египет, бил на јужниот излез од Босфор во Мраморното Море во 3 часот утринава. Бродот треба да се упати кон Дарданелите и понатаму кон Медитеранот.
Извор: МИА