Четворица првотимци на Пари Сен Жермен се суспендирани на по еден натпревар поради хомофобични скандирања, објави Лига 1, пренесува Спорт Клуб.
Коло Муани, Усмане Дембеле, Ахраф Хакими и Лаивин Курзава беа казнети бидејќи на 24 септември по победата против Олимпик од Марсеј заедно со навивачите на својот клуб пееја навредливи песни упатени до претседателот на Олимпик.
Лига 1 го казни и ПСЖ – на два натпревара ќе треба да ја затворат трибината на која се собираат најверните навивачи. Казната е всушност еден натпревар со затворена трибина и уште еден натпревар условна казна.
Пари Сен Жермен во оваа прилика се огласи со соопштение дека затворањето на трибината е престрога казна.
„Клубот жали што Дисциплинската комисија одлучи да спроведе прекумерна мерка, која веројатно ќе ја уназади работата за дијалог и превенција што клубот ја спроведува со навивачките здруженија и владините институции. Свесни сме за важноста на ова прашање и симболиката на одлуката, затоа нема да се жалиме“, велат од клубот.