Саудиска Арабија во наредните денови ќе биде домаќин на три важни самити на кои ќе се разговара за израелско-палестинскиот конфликт, соопштија властите во Ријад.
-Оваа недела, во следните неколку дена, Саудиска Арабија ќе свика итен арапски самит во Ријад, објави денеска саудискиот министер за инвестиции Калид Ал-Фалих на Форумот за нова економија на Блумберг во Сингапур.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси в недела ќе отпатува за Саудиска Арабија на самитот на Организацијата за исламска соработка, објавија медиумите, што е прва посета на шеф на иранска држава по нормализацијата на односите меѓу Техеран и Ријад според договорот постигнат со посредство на Кина во март, пренесуваат британските медиуми.
Фалих најави и дека Саудиска Арабија ќе свика самит со африканските земји, но не прецизираше кога ќе се одржи.
Саудискиот функционер нагласи дека целта на овие три самити и другите собири иницирани од Ријад е да се придвижи кон мирно решавање на конфликтот.
Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија вчера соопшти дека состанокот со африканските земји за време на викендот ќе биде одложен за да се фокусира на два други самити.