Тренерот на македонскиот ракометен вицепрвак Алкалоид, Кирил Лазаров, очекува многу тежок натпревар утре со Силкеборг во 3. коло од Европската лига.
– Самото тоа што се од Данска кажува за нивниот квалитет. Данската лига е во Топ 3 лиги. Ние треба да бидеме на високо ниво за да бидеме конкурентни. Почетната трема ја надминавме. Нема што да изгубиме на овој натпревар. Очекувам квалитетно да одговориме на предизвиците. Ќе биде тврд меч. Им ја препуштам фаворитската улога. Ние ќе пробаме да дојдеме до позитивен резултат доколку ни се укаже шанса, изјави Лазаров.
Слично размислува и бекот Иван Џонов.
– Силкеборг игра брз и динамичен ракомет. Ќе пробаме да ја спречиме нивната транзиција. Тактички сме добро подготвени. Ќе се обидеме со максимална борбеност да дојдеме до позитивен резултат. Апел до нашите навивачи во голем број да дојдат и да ни ја дадат потребната поддршка, рече Џонов.
Натпреварот ќе се игра утревечер во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со почеток во 18 :45 часот.
По првите две кола во Ф-групата, лидер е Војводина со 4 бода, Силкеборг има два, Алкалоид е трет со еден бод, колку што има и последнопласираната Ла Риоха.