Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска ги осуди, како што рече, воените злосторства на Израел и злосторствата против човештвото во Појасот Газа, јавува Анадолија.
– Израелските воени злосторства и злосторствата против човештвото во Газа не треба да останат без одговор, рече Ердоган во својот говор на самитот на Советот за соработка на Заливот (ГЦЦ) во катарската престолнина Доха.
Ердоган, исто така, рече дека приоритет на Турција е „да се погрижи да се спроведе траен прекин на огнот во Газа и хуманитарната помош да се доставува без никаков прекин“.
Турскиот претседател го критикуваше и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
– Администрацијата на Нетанјаху, за да го продолжи својт политички живот, го става на ризик целиот наш регион, неговата иднина и безбедност“, нагласи Ердоган.
Турскиот лидер ги пофали Катар и Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) за нивните акции во Газа.
– Дискусиите за време на Организацијата на исламската конференција за Газа беа значајни за заедничка акција за понатамошно следење на ова прашање, рече Ердоган и ги поздрави „напорите на Катар да постигне хуманитарна пауза во Газа“.
Тој додаде дека не смее да се дозволи конфликтот во Газа да се претвори во регионален конфликт во кој ќе биде вовлечена Сирија.
Ердоган истакна и дека Турција го задржала својот статус на безбедно пристаниште за меѓународните инвеститори.
– Подготвени сме за секаков вид поддршка за нашите браќа кои веруваат во нашата економија, рече турскиот претседател.