Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска со свое обраќање ја отвори регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“, во организација на Центарот на истражување и креирање политики и конзорциумот СМАРТ Балкан.
Министерката Петровска посочи дека европската иднина е иднина на помирување, а примерот на формирањето на Унијата кога спротивставените страни по втората светска војна во интерес на поголема цел и постигнување на заедничка просперитетна иднина си подале рака, покажува дека Европа е моќна само ако е обединета.
„Мирен и безбеден Балкан е можен само ако имаме интегриран Балкан, меѓутоа се покажало дека интегративните процеси, за нас се и процеси на помирување внатре во секоја од нашите земји, но и помеѓу нас“, рече Петровска.
Таа потенцираше дека денеска кога истовремено се одржува и Самитот на лидери на земјите членки на Европската Унија и кога можевме да добиеме убави вести за нашата натамошна интеграција во ова големо и просперитетно семејство, недостатокот на визија и лидерство се испречува на нашиот пат.
„Потребно е да бидеме прагматични и мудри, што нам во Северна Македонија не ни е непознато. Потпишувањето на Преспанскиот договор ја покажа нашата волја да минеме низ процес кој иако беше тежок за многумина, имаше повисока цел. Членството во НАТО денес ни дава глас да кажеме – ние сме безбедни, ние сме сигурни, нашата демократија и вредности се зачувани… Оваа конференција ја одржуваме во истиот ден кога европските лидери зборуваат за проширувањето на Унијата. Денеска можевме да добиеме добра вест, но за жал кај опозицијата недостасува визија и лидерство за донесување на овие одлуки“, истакна Петровска.
Таа потенцираше дека сега е отворен прозорецот на можности за интеграција на Западниот Балкан во Унијата. Во политиката на меѓународна сцена овие можности не се отвораат често и доколку се пропуштат, не се знае кога ќе биде дадена следната можност – рече Петровска.
Во изјава за медиумите Петровска посочи дека Северна Македонија и македонските граѓани заслужуваат да бидат дел до големото европско семејство и дека ни престојуваат уште многу задачи и обврски за реализација.
„Северна Македонија е исправена пред предизвикот на усвојување на уставните измени кои за жал до овој момент не се реализирани. Се надевам дека сите демократски сили, прогресивни сили кои и мислат добро на оваа држава ќе го направат вистинскиот чекор во таа насока. Не смееме да дозволиме нашата земја да не успее да го добие заслуженото место во Европската Унија“, рече Петровска.