Ансамблот на НУ Народен театар-Битола е избран, и ќе учествува во официјалната конкуренција за награди на меѓународниот театарски фестивал Стеријино позорје во Нови Сад.
Македонските актери, на 69. фестивалско издание во Нови Сад ќе ја одиграат претставата „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ.
-Драмскиот текст „Брод за кукли“ на фестивалот Стеријино позорје досега бил два пати изведуван. На сцената во Нови Сад оваа претстава ја играле актерите на Српски народен театар (Српско народно позориште) и Словенечко народно гледалиште (СНГ-Љубљана), а оваа година за прв пат со „Брод за кукли“ ќе настапат македонски актери, информираа за МИА од НУ Народен театар-Битола.
Годинешното Стеријино позорје во Нови Сад ќе се почне на 26 мај и ќе заврши на 3 јуни.