Дваесет и третото издание на традиционалниот ОФФ-Фест ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Националната опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотека на С. Македонија, со осум концертни настапи и два документарни филма.
Програмата е свежа, географски разнобојна и возбудлива, можеби најсилна во скорешната историја на фестивалот. ОФФ-Фест 2024 ќе го отворат две големи имиња на африканската музика: BOMBINO, еден од најзначајните претставници на прославениот „пустински блуз“, и јужноафриканските ѕвезди BCUC, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо. Вкусниот микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет BOI AKIH, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер-група KUTU, ветува беспрекорно фестивалско доживување. VICENTE AMIGO се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Paco de Lucia. Со две Греми награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес. Последната вечер на ОФФ-Фест ќе биде во знакот на три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет VOŁOSI со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем KALATA, како и познатиот српски world music колектив NAKED. Во рамките на предфестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Cesaria Evora” и „Agadez, the Music and the Rebellion“.
Билетите за 23. ОФФ-Фест се веќе пуштени во продажба на билетарницата на НОБ, како и онлајн преку MKTICKETS. Сите информации околу фестивалската програма, артистите и билетите се достапни на свежо ажурираната и редизајнирана веб-страница на фестивалот: www.offest.com.mk.