Новак Ѓоковиќ не успеа да се пласира во осминафиналето на Мастерсот во Рим. Рутински беше поразен во два сета од Чилеанецот Алехандро Табило, 32. играч на АТП листата.
Натпреварот траеше само 67 минути, а Табило победи со резултат 6:2, 6:3. Следен противник на Јужноамериканецот ќе биде Карен Хачанов, кој со 6:4, 6:2 го совлада Франциско Серундола.
Во поголемиот дел од овој дуел Ѓоковиќ беше во состојба каква што неговите фанови не ја паметат последните години. Ѓоковиќ беше надигран во секој сегмент од играта, а 26-годишниот Табило беше многу инспириран и концентриран и апсолутно заслужено ја постигна најголемата победа во кариерата. Оваа победа ќе му донесе место меѓу најдобрите 30 играчи на АТП листата. Исто така, ова беше прва победа на Табило во топ 10.