Со вечерашниот концерт „Алфа и омега“ на кој ќе настапи еден од најпознатите пијанисти, турскиот и светски уметник Фазил Сај, Македонската филхармонија ќе ја затвори концертната сезона. Диригент е маестро Јерухам Шаровски од Израел, новиот шеф-диригент на Македонската филхармонија.
Сај ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 3 во c-moll,оп.37 од Лудвиг ван Бетовен, а на програмата е уште едно дело на Бетовен, неговата увертира „Егмонт“ оп.84, создадена по истоимената трагедија на Гете.
Во вториот дел од концертот ќе биде изведена атрактивната Симфониска свита „Шехерезада“, оп. 35 на Николај Римски-Корсаков, создадена по мотивите од познатата бајка „1001 ноќ“.
-Фазил Сај (1970) првите часови по пијано ги почнал кај Митхат Фенмен, кој студирал кај познатиот Алфред Корто во Париз. Чувствувајќи го талентот на неговиот ученик, Фенмен го замолил секој ден да импровизира на теми поврзани со неговиот секојдневен живот, пред да работи на зададените вежби на студиите по пијано. Токму ова, контактот со слободните креативни процеси, се смета за извор на огромниот импровизаторски талент на Фазил Сај, како и на неговиот естетски поглед и во творештвото, како композитор. Неговата извонредна техника бргу му овозможила со леснотија да ги совлада комплексните дела, од префинетоста на Бах, Хајдн и Моцарт, до виртуозната брилијантност на Лист, Мусоргски и Бетовен, што ќе му донесе победа на Меѓународниот натпревар „Young Concert Artist“ во Њујорк, во 1994 година. Оттогаш, тој настапува со сите реномирани американски и европски оркестри, со водечки диригенти, градејќи повеќеслоен репертоар, кој се движи од барок, до современите дела, вклучувајќи ги и сопствените, наведува Македонската филхармонија.
Маестро Јерухам Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел ќе го предложи маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер-часови на значајни универзитети во светот. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф-диригент и уметнички директор на Македонската филхармонија.