Фудбалерите на Реал Мадрид ја освоија рекордната 15-та титула во Лигата на Шампионите, откако со 2:0 ја совладаа Борусија Дортмунд во финалето на Вембли.
Реал Мадрид повторно е „кралот на Европа“!
Дани Карвахал и Винисиус беа херои за шпанскиот тим. Дефанзивецот го отвори резултатот во 74. минута, а бразилскиот напаѓач ја запечати победата во 83. минута.
На овој начин Реал триумфираше во 9-то последователно финале на најкомерцијалниот клупски турнир. Борусија Дортмунд остана со еден трофеј од Лигата на шампионите и две загубени финалиња.
Карло Анчелоти, исто така, продолжи да урива рекорди. Го освои трофејот по петти пат – три пати со Реал Мадрид и двапати со Милан.
Финалето во Лондон се претвори во испраќање за двајца големи фудбалери – Тони Крос од Реал Мадрид и Марко Ројс од Борусија Дортмунд. Ѕвездата на „кралевите“ ќе ги закачи копачките како европски шампион бидејќи ова е последен натпревар во неговата кариера на клупско ниво. За Ројс ова беше последен меч со „жолто-црниот“ дрес.