„Скандалот со подарокот од 325.000 евра за герералниот секретар на Владата, Игор Јанушев добива нови димензии. Денес објавуваме нови информации и детали со документи кои треба да ги истражат надлежните институции, Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување корупција“, истакна на прес конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Погледнете ја оваа фотографија.
Фамозниот имот кој бил поклонет на Јанушев, вреден 325.000 евра е составен дел оваа зграда, во најстрогиот дел од Центарот на Скопје.
Она што е особено интересно е дека имот во оваа зграда, покрај Јанушев, има и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Еве го неговиот имотен лист.
Тошковски во зградата која е дел од шемата за поклонетиот имот на Јанушев има имот од над 200 квадрати, стан од 146 метри кавдратни и деловни простории од 46 метри квадратни. Вкупната пазарна вредност на овој имот е над 400.000 евра.
Овој случај ужасно потсетува на една друга зграда, каде порано имаа станови неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои беа стекнати на многу сомнителен начин.
Понатаму ги прашуваме Тошковски и ДКСК, пријавен ли е овој имот во анкетниот лист? Зошто неговиот анкетен лист не е достапен за јавноста?
Клучно и најважно прашање: како се поврзани подарокот на Јанушев од 325.000 евра и имотот на министерот Тошковски? Каков заеднички бизнис имале овие двајца? Дали преку шема на давање подароци овие двајца прикриваат некаква бизнис зделка која јавноста не треба да ја знае? Имаат ли скриени бизниси кои на крај завршуваат со подароци во имоти вредни над 300 илјади евра?
Јавноста знае дека Јанушев е веќе осуден криминалец во случајнот со 5 милиони евра за кинеските автубуси за ЈСП.
Јавноста очекува одговори. Јанушев се криеше пет дена пред да каже за поклонот, ова може да е јасен сигнал дека се обидува да прикрие нешто во овој случај.
СДСМ ќе продолжи да ги објавува сите информации со кои располага. Се додека не започнат истраги, се додека не се дозане целата вистина“, истакна Кузеска на прес-конференцијата.
Тошковски и Јанушев ги отфрлија обвинувањата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев денеска ги демантираа обвинувањата на СДСМ за подарениот имот од 325.000 евра.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на денешната прес-конференција информира дека имотот кој му бил подарен на Јанушев, вреден 325.000 евра, е составен дел од зграда во најстрогиот дел од центарот на Скопје. Имот во оваа зграда, како што рече, покрај Јанушев, има и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Во однос на обвинувањата изнесени од Богданка Кузеска од СДСМ, сакам јавно да ги демантирам и да ја информирам јавноста дека уште на 04.07.2024 година, во законски утврдениот рок, до Државната комисија за спречување на корупцијата доставив изјава за имотна состојба. Сите податоци за мојот имот се јавно достапни на следниот линк: https://registar.dksk.mk/appointed-person/22221., напиша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на неговиот Фејсбук профил.
Тој нагласи дека одговорно тврди дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседува ништо друго.
-Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет. Упатувам порака до СДСМ да престане со лаги и манипулации. Транспарентноста и одговорноста се клучни за градење на доверба меѓу институциите и граѓаните. Време е вистината да излезе на виделина, објави министерот за внатрешни работи на Фејсбук.
Јанушев, пак, на Фејсбук напиша дека СДСМ има трагикомични обиди и оти го дискредитираат.
– А да кажам збор два и за обвинувањата…. Ве пуштав да се излизгате… прво да изнесе лаги еден сдсовски сателит и советник на криминалното СЈО, во исто време шарен револуционер и познат лажен патриот, па потоа да се надоврзе една пара партиска структура и на крај да излезе изворот на таквите дезинформации, партијата која ја води неврохирургот на Заеви или како што во СДС го викаат малиот на Зоки, Венко Филипче. Па да ви одговорам по ред. Прво, СДС вели дека имотот на анкетниот лист е енормно зголемен. Тоа не е вистина и е комплетна лага. Не само што не е зголемен, туку е и двојно помал доколку се направи споредба со тој од 2017. година. Второ, не постои никакво подарено земјиште…има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично владата на СДС и ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува, напиша Јанушев.
Тој потсети дека седум години СДСМ и ДУИ биле на власт и воделе врз него, како што напиша, политички процес и хајка за непостоечки случај за набавка на автобуси.
-Ова се криците на истите тие бандите кои нема да не поколебаат во намерата Македонија да ја вратиме на народот. А сега ќе ви кажам и зошто се исплашени. Затоа што меѓу другото како генерален секретар на Владата, работејќи од 12 до 16 часа на ден, доаѓам до фрапантни сознанија. Ајде тоа што затекнавме празни канцеларии, без столчиња и услови за работа, туку ќе треба да одговарате и за милионите евра фрлени за софтвери кои не функционираат, за картички кои не работат, за машини за штампање на пластика и документи кои невообичаено се во посед на ГС, за набавка на клима уреди кои се несоодветни за тоа што е потребно, но важно критериумот набавувачот да е од Струмица е задоволен и ред други работи. Паразити кои ја оставија Владата со затворен главен влез затоа што 2 години не ги сервисирале скенерите и полесно им било да го затворат влезот. Останете така. ОЈО има работа. А, вие продолжете да измислувате и да се давите во барата, напиша Јанушев на Фејснук.
Од СДСМ денеска најавија дека ќе продолжат да ги објавува сите информации со кои располагаат за овој случај се додека, како што велат, не започнат истраги и се додека не се дозане целата вистина.