Четири лица загинаа денеска во израелски воздушен напад врз градот Мајфадун на југот на Либан, соопштија здравствените и безбедносните служби, а Палестинци загинаа и на окупираниот Западен Брег.
Еден извор пренесува дека сите убиени се мажи. Најголемиот дел од размената на оган меѓу либанската вооружена група Хезболах и израелската армија досега беше ограничена на пограничната област, но Мајфадун се наоѓа на 30 километри северно од границата.
Израелските сили убија четири лица и во окупираниот град Џенин на Западниот Брег, соопштија денеска службите за итни случаи, по ноќта со насилство во која уште четири лица беа убиени во градот Тубас во близина на границата со Јордан.
Израелската армија објави дека извршила два воздушни напади на Западниот Брег, но не соопшти повеќе детали.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека во напад на две возила во Џенин загинале четири лица, а уште едно лице е тешко повредено.
Нападот се случи во време на операција во Џенин за која снимките на социјалните мрежи покажаа дека вклучува колона оклопни возила и булдожери кои копаат патишта.