Најмалку 28 лица загинаа во последните три дена во поплавите во западна Индија, соопштија локалните власти.
Реките во Гуџарат, држава на западниот брег на земјата, се излеаја од коритата и повеќе од 30.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.
Во акциите на припадниците на итната помош и армијата беа спасени околу 1.850 луѓе.
Властите во Гуџарат соопштија дека 13 лица се удавиле, а други загинале при уривање на куќи.
Околу 1.000 села останаа без струја.
Метеоролошките служби предупредија дека денеска се очекуваат обилни дождови.