Две лица загинаа, а десет се повредени како последица на истекување гас во центарот на Иранската револуционерна гарда, јави денеска државната иранска телевизија.
Истекувањето на гас се случило во работилница која е дел од гардата во провинцијата Исфахан, а повредените се пренесени во болница.
Во соопштението на Револуционерната гарда од Исфахан се објавени имињата на загинатите, но не се прецизира дали двајцата високи офицери загинале од задушување со гас или истекувањето гас предизвикало експлозија. Не е прецизирано ниту како се повредени другите лица.
Во објектите на Револуционерната гарда во последниве години имаше неколку експлозии, а најголемата се случи во 2011 година, кога во експлозија во ракетна база во близина на Техеран загинаа 17 лица, меѓу кои и командантот Хасан Техерани Могадам, кој ја водеше ракетната програма на оваа паравоена формација. На почетокот, властите ја опишаа експлозијата како несреќен случај, но поранешен затвореник подоцна рече дека бил испрашуван од членови на гардата поради сомневање дека Израел ја предизвикал експлозијата.
Тензиите во Иран и во регионот остануваат високи по убиството на политичкиот лидер на палестинскиот Хамас, Исмаил Ханија, на 31 јули во Техеран, за што Иран го обвини Израел.
Највисоките функционери на Иран ветија дека ќе му се одмаздат на Израел за убиството на Ханија.