„Како во старите добри времиња“, објави Борусија порака покрај фотографијата од насмеаниот Јирген Клоп на тренинг во Дортмунд.
Навивачите на Борусија Дортмунд беа воодушевени кога на официјалниот сајт на клубот го видоа својот поранешен тренер. Но, за нивна несреќа, тоа ќе биде само за еден ден.
Јирген Клоп се согласи да биде учесник на прошталниот натпревар на неговите поранешни играчи од Борусија, Лукас Пишчек и Јакуб Блажиковски во сабота.
Предвиден е натпревар меѓу два тима на Борусија, а Клоп ќе биде тренер на тимот предводен од Јакуб Блажиковски.
Клоп беше тренер на Борусија Дортмунд од 2008 до 2015 година и за тоа време освои две Бундеслиги, германскиот ДФБ куп, два германски Суперкупа и играше во финалето на Лигата на шампионите.
Тој го презеде Ливерпул во октомври 2015 година и раководеше со нив до крајот на минатата сезона кога реши да се пензионира и да паузира една година од тренерската работа.