Чарлс Менсон, се чини, убивал луѓе и пред она за коешто го осудија на доживотен затвор. Во аудиоснимка од претстојната документарна серија „Создавањето на Менсон“ (Making Manson), водач на својот убиствен култ тврди оти „се вклучил во неколку убиства“ додека живеел во Мексико во 1960-тите.
– Гледаш дека има цел дел од мојот живот за којшто никој не знае, вели Менсон во телефонски повик од затворот. – Живеев во Мексико некое време. Бев во Акапулко, украдов неколку автомобили. Само се впуштив во некои „повисоки работи“, човече… Се вмешав во неколку убиства. Го оставив мојот „Магнум 357“ во Мексико Сити и оставив мртви луѓе на плажа, додава осудениот убиец.
Разговорот е дел од мноштвото досега необјавени телефонски повици и разговори на Менсон во период од 20 години – откриени во документарната серија од три дела, којашто се прикажува од оваа недела. Документарецот е во режија на Били Минц.
Водачот на култот на семејството Менсон не ги вршел убиствата самиот, туку убедувал свои следбеници да ги извршат. Менсон и неговите следбеници, инаку, беа осудени за убиството на тогаш бремената глумица Шерон Тејт – сопруга на француско-полскиот режисер Роман Полански, и четворица нејзини пријатели, кои беа измасакрирани во 1969 година.
Убиствата во Акапулко би биле меѓу најнасилните од престапите на Менсон пред неславната 1969 година. Менсон почина во 2017 година во затвор.