Иран изрази подготвеност да го реши спорот со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со почитувањето на заштитните мерки за својата нуклеарна програма, но нема да го стори тоа под притисок, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи по средбата со генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси во Техеран.
Европските сили бараат Одборот на МААЕ следната недела да донесе нова резолуција против Иран со цел да го стави под притисок, со оглед на оценетото како недоволна соработка досега.
Месеци наназад, Гроси се обидува да постигне напредок во преговорите со Иран, вклучувајќи го и прашањето за поширок надзор на нуклеарните објекти, како и да добие објаснување за откриени траги на ураниум на недекларирани објекти.
По средбата со Гроси, Арагчи напиша на социјалната мрежа Икс: „Топката е на теренот на тројката европски држави – Франција, Германија и Велика Британија. Подготвени сме да преговараме врз основа на нашите национални интереси и неотстапливи права, но не под притисок и закани“.
Средбата се одржа во контекст на претстојното преземање на функцијата од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација во јануари.
Трамп во 2018 година, во својот прв мандат, еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.