Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп објави дека ќе ја назначи Керолин Левит за портпаролка на Белата куќа.
– Керолин Левит направи феноменална работа како национален прес-секретар за време на мојата историска кампања, и со задоволство можам да објавам дека таа ќе биде прес-секретарка во Белата куќа. Керолин е паметна, цврста и се докажа како исклучително ефикасна за комуникација. Имам целосна доверба дека таа ќе настапи одлично на подиумот и ќе ги пренесе нашите пораки до американскиот народ, а ние повторно ќе ја направиме Америка голема, соопшти Трамп.
Дваесет и седумгодишната Левит, родена во Њу Хемпшир, ќе стане најмладата личност која некогаш ја извршувала оваа позиција. Тој рекорд претходно го држеше Роналд Циглер, кој имаше 29 години кога ја презеде работата во 1969 година во администрацијата на Ричард Никсон.
Левит беше помошник портпарол на Белата куќа во периодот 2017-2021 година. Таа беше национален прес-секретар на кампањата на Трамп за време на овој изборен циклус, а од денот на изборите, работи како портпарол на преодниот тим.
Претходно, Трамп го избра Стивен Чун за директор за односи со јавност во Белата куќа. Чун беше директор за комуникации и за време на претседателската кампања на Трамп.