Европската асоцијација за изнајмување куќи за одмор (ЕХХА), којашто ги застапува платформите како што е „Ер-БНБ“ (Airbnb), поднесе жалба до Европската комисија против шпанската покраина Каталонија, поради одлуката што ѝ дозволува на Барелона, поточно на нејзините општини, забрана за краткорочно изнајмување простор за престој.
Во јуни, градоначалникот на Барселона, Жауме Колбони претстави план, според којшто, сите објекти за краткорочно изнајмување треба да престанат со работа до 2028 година. Таа одлука е донесена со цел да се намали притисокот врз пазарот на домување и да се спречи натамошно зголемување на наемот за тамошните жители. Планот се заснова на Регионалниот закон за домување што е усвоен минатата година и на општините им дава можност да одлучат дали ќе дозволат или забранат изнајмување викендички, станови и слично, заради сместување.
Во своето соопштение, ЕХХА наведува дека „новите правила се неоправдани и недоволни за да се решат проблемите со прекумерниот туризам и недостигот на станови“, како и дека законот е донесен итно и без соодветна јавна консултација.
– Убедени сме дека со ова не се почитува правото на Европската Унија, изјави Викторија Молнар, генерален секретар на ЕХХА.
Компанијата „Ер-БНБ“ неделава го повика Колбони да ги преиспита строгите ограничувања за издавање простор за престој, посочувајќи дека досегашните ограничувања што важат од 2014., не ги решаваат проблемите поврзани со станбената криза и прекумерниот туризмот во градот. Според официјалните податоци, Барселона денес има околу 8.800 имоти за краткорочно изнајмување.