Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој го продолжи договорот на чело на тимот за уште две сезони, изјави дека има посебни чувства кон овој фудбалски клуб.
-Манчестер Сити ми значи многу. Ова е мојата деветта сезона овде. Доживеавме толку многу неверојатни моменти заедно. Имам навистина посебно чувство за овој клуб и затоа сум многу среќен што останувам уште две сезони, изјави Гвардиола, цитиран од медиумите на Островот
Претседателот на Манчестер Сити, Калдун Ал Мубарак изјави дека е воодушевен што патувањето на Пеп со Манчестер Сити ќе продолжи, „дозволувајќи на неговата посветеност, страст и иновативно размислување да продолжат да ја обликуваат играта“.
-Неговата глад за развој и успех останува ненаситна, а директни корисници ќе продолжат да бидат нашите играчи и стручниот штаб, културата на нашиот клуб и англискиот фудбал во целина, истакна Ал Мубарак.
Гвардиола го презеде Сити во 2016 година и оттогаш освои шест титули во Премиер лигата, вклучувајќи ги и последните четири во низа.