Заедно да кажеме стоп за петардите и огнометите, освен тоа што се опасна „играчка” за најмладите и може да дојде до страшни повреди, погубни се и за животинскиот свет, алармираат од скопската Зоолошка градина.
Декември го посветуваат за зголемување на свеста за последиците од употребата на пиротехнички средства во овие денови на празнични прославувања.
– Употребата на пиротехнички средства е опасна затоа што милиони птици угинуваат од стрес или исплашени ги напуштаат своите гнезда со малечки, за кои потоа нема кој да се грижи и умираат од глад и дехидрација. Кучињата и мачките може да доживеат огромен стрес или во најлош случај, срцев удар од страв. Дивиот свет, исто така, страда. Бучавата и светлината ги вознемируваат до степен да може да настапи смрт, но и да ги напуштат своите малечки кои потоа страдаат. Се создава загадување на воздухот преку испуштање отровни хемикалии, но и загадување со бучава. Децата може да се повредат и да останат со ампутирани делови од телото. Кај возрасните луѓе со ПТСР (PTSD) поттикнува поголема анксиозност. Силниот звук има огромно влијание кај дечиња со потешкии во развојот или пак со аутистичен спектар на нарушување, а празничниот период не треба да им носи трауми поради петардите, истакнуваат од Зоолошката, нагласувајќи дека и животните таму доживуваат голем стрес.
Затоа, апелираат, сите заедно да се вклучат во оваа кампања и годинава рекордно да се намали употребата на пиротехника.
– Се надеваме дека што повеќе училишта ќе се вклучат во заеднички активности со Скопје ЗОО, а како прва „задача“ за сите основци и средношколци, предлагаме да бидат креативни и да направат цртежи на темата „Кажи стоп за петарди и огномет“. На крајот од месецот, пред Нова година, ќе направиме изложба со најдобрите цртежи во просторот на градината. Сите креативни граѓани може да изработат и да ни испратат и едукативни илустрации на [email protected] , што потоа како постери ќе се најдат низ секое маало. И за крај, уживајте во празнувањето на празниците, но, оставете ги и другите да уживаат. Стоп за пиротехничките средства, нагласуваат од Зоолошката градина во Скопје.