Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби денеска изјави дека САД понудиле поддршка во истрагата што ја водат Казахстан и Азербејџан за падот на авионот на Азербејџан ерлајнс во средата во Казахстан, при што загинаа 38 лица, а 29 беа повредени.
Кирби изјавил дека првите индиции до одреден степен укажуваат дека овој авион бил соборен од руска противвоздушна одбрана, пренесува порталот Аксиос.
Азербејџан ерлајнс соопшти дека нивниот авион претрпел надворешни физички и технички нарушувања.
Неколку авиокомпании објавија дека ги прекинуваат летовите кон руските градови, одлука донесена откако американски експерти оценија дека падот на авионот на Азербејџан ерлајнс минатата недела е веројатно предизвикан од руски противвоздушен проектил.
Туркменистанскиот национален авиопревозник Туркменистан ерлајнс денеска соопшти дека летовите Ашгабат-Москва-Ашгабат на 30 и 31 декември се откажани, без да даде објаснување.
ФлајДубаи објави дека ги откажува летовите меѓу Дубаи и јужните руски градови Минерални Води и Сочи – меѓу 27 декември и 3 јануари. Казахстанскиот „Казак ер“ ги прекина своите летови до Екатеринбург до крајот на јануари.
Тие одат по стапките на израелската компанија Ел Ал, која во четвртокот објави дека ги прекинува летовите кон Русија на една недела поради ситуацијата „во рускиот воздушен простор“.
Авион на Азербејџан Ерлајнс, Ембраер 190 летал од главниот град на Азербејџан Баку кон рускиот град Грозни во средата кога од се уште неразјаснети причини бил пренасочен и се урнал додека се обидувал да слета во Актау, Казахстан, и притоа 38 лица загинаа, а 29 кои го преживеаја падот се повредени.