– Најзагрижувачко е молкот на независните институции. Тие што беа најгласни за време на Владата на СДСМ сега како да се парализирани. Ги гледаме овие институции како тивки и бавни, што покажува дека Владата сака да го сузбие секој механизам за институционална контрола. Ова не е случајност туку планирани чекори за уништување на интегритетот на институциите,“ изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Независен“,
Тој додаде дека граѓаните заслужуваат власт која ќе работи со одговорност и отчетност.
„Очигледно, институционална одговорност за овие случаи ќе биде многу тешко да се обезбеди во вакви услови. Граѓаните заслужуваат власт која ќе работи во нивен интерес, со одговорност и отчетност, а не Влада која крие скандали и манипулира со вистината. СДСМ ќе продолжи да инсистира на целосна транспарентност и правна разрешница за сите случаи, бидејќи без тоа нема напредок ниту доверба во институциите,“ нагласи тој.
Филипче ги критикуваше скандалите како уште еден пример за непотизам и непрофесионалност во работењето на Владата.
„Владата произведе серија скандали во рекордно краток период, а досега не видовме ниту политичка, ниту правна одговорност за ниту еден од нив. Тие ветуваа одговорност и транспарентност, но очигледно тоа не важи кога станува збор за нивните функционери,“ истакна тој.
Тој потсети дека за време на владеењето на СДСМ, институциите задолжени за борба против корупцијата имаа слобода да делуваат.
„Сепак, не смееме да заборавиме дека токму додека СДСМ беше на власт, високи владини функционери беа процесуирани. Институциите кои се задолжени за борба против корупцијата слободно работеа и постојано покренуваа случаи. Ова е јасен доказ дека создадовме услови за институциите да функционираат независно,“ додаде тој.