Поминаа речиси две десетлетија откако американскиот глумец Том Круз јавно ја критикуваше супермоделката и глумица Брук Шилдс за употребата на лекови за нејзината постпородилна депресија… Сепак, таа сѐ уште не заборава како се чувствувала потоа.
Во своите нови мемоари под наслов „Брук Шилдс нема дозвола да остари: Мисли за стареењето како жена“ (Brooke Shields Is Not Allowed to Get Old: Thoughts on Aging as a Woman), манекенката се навраќа на јавното препукување од 2005 година, коешто почна кога познатиот нејзин колега и скиентолог ѝ ги упати острите критики, означувајќи ја како „неодговорна“ за земањето антидепресиви по раѓањето на нејзиното прво дете. Тој тогаш, имено, рече:
– Не постои такво нешто како хемиски дисбаланс. Она што го велам за Брук е дека е жртва на лажни информации. Таа не ја разбира историјата на психијатријата.
Осврнувајќи се на тоа, Шилдс во мемоарите се потсмева со ставот на Круз, велејќи дека е „интересно мислење што доаѓа од некој без јајници“, како што пишува. Таа вели дека тој личен напад кон неа ја оставил „вџашена“, па шокот бил доволен за да не молчи.
„Доколку Том јавно ‘ме жигнеше’ пред да станам мајка, веројатно ќе молчев… Ќе го игнорирав неговото смешно ‘млатење празна слама’. Можеби и задоволна ќе седев со скрстени раце додека овој многу познат човек го зароби моето искуство за да ја зголеми својата (заблудена) агенда. Ќе бев задоволна од тоа што неговото однесување ќе зборуваше само за себе… Но, тоа Крузово ‘млатење’ се случи еден месец по мојот 40-ти роденден, кога конечно почнав да си ја враќам самодовербата. Бев охрабрена од животното искуство. Значи, наместо да дозволам да се претворам во боксерска вреќа – возвратив“, пишува Шилдс.
Во тоа време, Шилдс одговори со свој напис во „Њујорк тајмс“, под наслов „Војна на зборовите“ – слично како називот на тогаш новиот филм „Војна на световите“ на Стивен Спилберг, со Том Круз во главната улога.
– Коментарите како оние на Том Круз се лоша услуга за мајките насекаде. Да се говори дека згрешив што земав лекови за да се справам со мојата депресија и наместо тоа требало да земам витамини и да вежбам – покажува целосно недостиг на разбирање на постпородилната депресија и породувањето воопшто. Ако може да дојде до нешто добро од смешното „галамење“ на г-н Круз, да се надеваме дека по ова ќе ѝ го посвети многу потребното внимание на оваа сериозна болест, рекла тогаш глумицата.
Автобиографската книга на Шилдс излезе во продажба вчера, на 14 јануари. Глумицата лани беше актуелна со комедиите „Грејси и Педро“ и „Мајката на невестата“.