Мартин Гоџо денеска беше најсреќен и меѓу неколкуте стотини верници успеа да го извади Чесниот крст што во осветените води на Охридското Езеро го положи поглаварот на МПЦ, Архиепископот г.г. Стефан.
Ова е вторпат Гоџоски да го фати крстот, тоа со божја помош му појде од рака и во 2022 година.
– Оваа година повторно ми се посреќи прв да стигнам до Светиот крст. Ова е огромна чест за мене, за мојата фамилија, за мојата тајфа. Водата беше студена, исто како и другите години, крстот ќе си дојде за кој е пишан…Здравје, среќа и бериќет, мене на мојата тајфа, на мојата фамилија, рече Гоџо.
Него Архипископот Стефан го даруваше со библија и златно ланче со крст, додека од градоначалникот Кирил Пецаков доби икона со Свети Јован Крстител и крст изработен во филигран.
На чинот на осветувањето на езерските води и положувањето на крстот му претходеше обраќање на поглаварот на МПЦ до верниците собрани во Охрид, порачувајќи им дека со настанот на крштевањето на Исус во водите на Јордан е објавена вистината за Бога, за човекот и светот, и вистината за небото и земјата. Таа вистина, рече, е содржана во неповторливото чудо во објавената предвечна вистина за бога во света троица кое се случило на денешен ден и трае повеќе од 2000 години.
Со тоа, рече г.г. Стефан, тој ја основал големата и пресвета тајна на светото крштение, тајната преку која се спасува човечкиот род. Денешниов празник, Богојавление, вели, ги објаснува сите други празници и сите други настани и ни ја објаснува целта на христовото доаѓање како син божји, како вистински човек и бог, како вистински богочовек.
Традиционално манифестацијата по повод православниот празник Богојавление – Водици во Охрид ја следеа илјадници верници и гости, како од градот така и од останатите делови на држвата, но и пошироко.