Капитенот на Манчестер Сити, Кајл Вокер му се приклучи на италијанскиот гигант Милан на позајмица до крајот на сезоната, соопштија денеска двата клуба. Милан појасни дека во договорот е вклучена и опција за купување на десниот бек, кој исто така е и англиски репрезентативец. Дополнително, телевизијата „Скај Италија“ прецизираше дека станува збор за откупна клаузула во износ од 4,2 милиони фунти. 34-годишниот ветеран има 319 настапи за Сити, а последен пат настапи во победата над Вест Хем на 4 јануари.
Заминувањето на искусниот Англичанец тешко го погоди тренерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола.
Англискиот шампион оваа сезона се соочува со големи проблеми. И покрај сите очекувања тие се само на петтото место во домашното првенство, додека во Лигата на шампионите веќе ги чека елиминација по првата фаза.
Голем проблем за Сити сега е фактот што искусниот десен бек одлучи да го напушти „Етихад“ и да премине во Милан, нешто со што Гвардиола не се помирил лесно, судејќи по снимката од неодамнешната конференција.
-Кајл Вокер одлучи да си замине… Најсилниот, најподготвениот, најбрзиот дефанзивец што го имаме реши да го напушти клубот, изјави Гвардиола на прес-конференција.
Гвардиола му се заблагодари на Вокер за се што направи за клубот.
-Тоа му го кажав лично, му го кажав пред тимот. Му посакувам само успех, како за него така и за неговото семејство, подвлече Гвардиола.
Англискиот репрезентативец дојде во Сити во 2017 година од Тотенхем за сума од 50 милиони евра. За тоа време освои 17 трофеи, од кои шест титули во Премиер лигата, додека со „граѓаните“ успеа да ја освои и Лигата на шампионите.
Вокер дебитираше за репрезентацијата на Англија во ноември 2011 година и има одиграно 93 натпревари. Во својата кариера настапуваше за Шефилд Јунајтед, Нортемптон, Квинс Парк Ренџерс, Астон Вила и Тотенхем.
За зделката се зборуваше во различни медиуми најмалку пет дена, а денеска и официјално беше потврдено од двете страни кои го разменија дефанзивецот. Вокер не беше вклучен во составот за натпреварот против Салфорд Сити во ФА Купот, кој беше добиен со 8-0, а по неговото завршување, менаџерот на клубот Пеп Гвардиола изјави дека „дефанзивецот сакал да се проба во странство“.