За кредитот од една милијарда евра, државата ќе плати безмалку 500 милиони евра камати во следните 15 години – средства кои можеше да се насочат кон училиштата, болниците и патиштата, рече заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова – Пановска на денешената прес конференција .
-Владата мора да одговори – дали очекува дека економскиот раст ќе ги оправда овие половина милијарда евра камати? Реалноста покажува дека тоа е невозможно, бидејќи овие средства, наместо во нови производствени капацитети, ќе завршат во мали и краткорочни проекти без значително влијание врз економскиот раст, рече Каранфилова Пановска.
Дополнително, договорот со унгарската Експорт-импорт банка содржи сериозни институционални недостатоци, што покажува неподготвеност и потфрлање во водењето на јавната финансиска политика, додаде таа.
-Економските штети од овој договор се сериозни и далекусежни: Договорената каматна стапка од 3,25% годишно може да изгледа конкурентна, но дополнителната камата од 1,95% за 250 милиони евра што ќе се пласираат преку комерцијалните банки значи дека граѓаните и компаниите ќе плаќаат ефективна камата од 5,2%. Ова ги прави кредитите од унгарските средства поскапи од оние што веќе ги нудат домашните банки, каде што просечната каматна стапка е 4,78%.На долг рок, ова задолжување ќе го намали потенцијалот за економски раст и ќе создаде дополнителен товар за граѓаните и стопанството, рече заменик претседателката на СДСМ.
Владата мора да сноси одговорност за ова штетно задолжување и јавно да објасни како планира да ги намали негативните последици од овој договор врз економијата и граѓаните.
-Ова задолжување ја осиромашува државата, ги намалува јавните инвестиции и создава непотребна зависност од странски интереси. Наместо овие средства да се користат за подобрување на квалитетот на живот, тие ќе завршат во рацете на странски банки и адвокатски канцеларии. Македонските општини ќе останат со празни раце, а македонските компании со скапи кредити кои ќе го отежнат нивното работење, рече Каранфилова Пановска.