По 12 победи во 14 натпревари во сите натпреварувања, Реал Мадрид е решен да го задржи моментумот кога ќе се соочи со Еспањол во Ла Лига в сабота, изјави тренерот Карло Анчелоти во пресрет на натпреварот.
Реал Мадрид е прв на табелата во шпанската лига со 49 бодови од 21 натпревар, четири бода повеќе од второпласираниот Атлетико Мадрид, а Анчелоти знае дека има малку простор за грешка доколку сака да ја одбрани титулата во Ла Лига.
-Подобри сме отколку што бевме во декември, ни оди многу добро… но мора да продолжиме во истиот дух. Има толку многу натпревари од кои секој може да биде стапица. И тоа е она што не го сакаме. Време е да се оди напред во оваа добра динамика. Не можеме да си дозволиме да се вратиме назад, изјави денеска тренерот.
Реал ќе биде засилен со враќањето на бразилското крило Винисиус Жуниор, кој беше суспендиран на два натпревари по црвениот картон против Валенсија претходно во јануари.
-Тој е свесен што треба да направи на теренот бидејќи е зрела личност. Среќни сме што се врати. Тој тренира многу добро, свеж е и може многу да придонесе утре, изјави Анчелоти.
Италијанецот беше прашан и за крилниот напаѓач Родриго, откако 24-годишниот бразилски репрезентативец беше поврзуван со преселба во Саудиската професионална лига.
-Тешко ми е да зборувам за иднината на играчите бидејќи тоа се лични одлуки. Но она што го гледам е дека оние кои се тука се многу среќни и сакаат да останат што е можно подолго. Сакаат да освојуваат титули, да придонесуваат. Она што го гледам, како и она што го слушам, е дека има многу луѓе кои би сакале да бидат на местото на Родриго. Има многу играчи кои сакаат да играат за овој клуб, во овој тим, со овој дрес, изјави Анчелоти.