Филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски ја освои наградата од публиката во програмата Светска филмска драма на фестивалот „Санденс“, како и специјална награда од жирито за креативна визија.
Ова е голем успех за дебитантскиот долгометражен филм на режисерот Унковски. Филмот беше прикажан на фестивалот пред една недела, а публиката ја поздрави екипата со стоечки овации, а критиките кои пристигнуваат ги следиме со голема радост. Водечките филмски медиуми го пофалија филмот за неговата автентичност, емоционална длабочина и живописни ликови. „Холивуд репортер“ го нарече „скапоцен камен, задоволство за публиката“, додека „Синеуропа“ го прослави вештото избегнување на изветвените, вообичаени теми сместени во жанрот „coming-of-age“.
Сместен во оддалеченото јуручко село Коџалија, „Диџеј Ахмет“ ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет, кој открива прибежиште во електронската музика како излез од неговата традиционална средина. Филмот е драма со примеси на комедија, приказна за љубовта, пријателството и самооткривањето на еден тинејџер, поставена на динамична заднина во која се судираат традиционалните вредности и модерното време. Снимањето на филмот траеше 36 дена и се одвиваше на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во радовишко, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и на македонски јазик.
Главните улоги во филмот ги играат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев, кои првпат се појавуваат на филмското платно, и Аксел Мехмет. Во другите улоги се: Селпин Керим, Атила Клинче, Елхаме Билал, Адем Карага, Хакан Даци, Метин Ибрахим, Јеткин Сезаир и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.
Инаку, престижниот филмски фестивал „Санденс“ е најголемиот фестивал на независен филм во САД. Оваа година се одржува од 23 јануари до 2 февруари во Парк Сити, Јута.
Извор: Слободен Печат