Жителите на Газа остро реагираа на коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за можно „преземање“ на Газа и раселување на Палестинците.
Џамалат Вади за Би-Би-Си изјави дека не обрнува внимание на изјавите на Трамп, туку дека нејзиниот приоритет е обновата на нејзиниот дом. „Чекам да ја реновирам нашата куќа и да живеам во неа, а ниту Трамп, ниту некој друг не ни е важен“, рече таа. Таа додаде дека Палестинците нема да ја напуштат Газа без разлика на се. „Нема да ја напуштиме Газа и нема да се откажеме од тоа. Ќе живееме на нашите урнатини како ништо да не се случило, а Газа ќе биде обновена“.
Махмуд Бахџат изрази загриженост за коментарите на Трамп, надевајќи се дека арапските земји ќе ја отфрлат таквата идеја. „Ова е наша земја и не можеме да живееме никаде на друго место освен Газа. Газа е наша земја, ние пораснавме овде, како можеме да ја напуштиме? Ние сме против одлуката на Трамп. Тој ја заврши војната, но раселувањето ќе ги заврши нашите животи“.
Во меѓувреме, и Египет го отфрли предлогот за раселување на Палестинците. Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати денеска изјави дека Палестинците не треба да ја напуштаат Газа.
Тој му ја пренесе оваа порака на премиерот на палестинската управа Мохамед Мустафа за време на состанокот одржан само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп ги објави плановите за преземање на Газа, што предизвика широки критики од палестинските политичари и арапските држави.
Египетското Министерство за надворешни работи ја истакна важноста од забрзување на испораката на хуманитарна помош, отстранување на урнатините и започнување проекти за опоравување, притоа јасно нагласувајќи дека Палестинците треба да останат во Газа, со оглед на нивната поврзаност со земјата и нивното одбивање да бидат насилно раселени.
Трамп претходно изјави дека „секој со кој разговара ја сака идејата САД да го поседуваат тоа парче земја“, мислејќи на Газа и изрази надеж дека Јордан и Египет би можеле да ги прифатат Палестинците кои ќе бидат протерани од енклавата.
Сепак, арапските земји одамна отфрлаат какво било принудно раселување на Палестинците и се залагаат за решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт.
Поврзано: