Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет пред средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон изјави дека Пентагон е подготвен да ги разгледа сите опции во врска со Појасот Газа.
„Би рекол во однос на Газа – дефиниција за лудост е да се обидува да се прави истото одново и одново“, рече Хегсет.
Според него, американскиот претседател е подготвен „да размислува надвор од рамката, да бара нови и уникатни, динамични решенија за решавање на проблемите што изгледале нерешливи“.
„Подготвени сме да ги разгледаме сите опции“, додаде Хегсет.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера на заедничка прес-конференција со Нетанјаху повика на трајно раселување на Палестинците од Појасот Газа за да може САД економски да ја развијат областа и да ја претворат во „ривиера на Блискиот Исток“, што наиде на глобална осуда.