Британскиот премиер Кир Стармер ќе биде домаќин на самитот на Берлинскиот процес во 2025 година кој ќе се одржи во Лондон оваа есен. Берлинскиот процес е водечки меѓународен форум за поддршка на стабилноста и промовирање на регионалната соработка, на кој присуствуваат сите шест лидери на Западен Балкан, објави Британската амбасада во Скопје.
Обединетото Кралство ќе го искористи самитот за зајакнување на своите партнерства со земјите од Западен Балкан за справување со нерегуларната миграција, како и за поддршка на стабилноста и растот во регионот.
Истовремено, државниот секретар за надворешни работи, комонвелт и развој Дејвид Лами ја назначи Карен Пирс за специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, одговорна за одржувањето на самитот. Таа ќе ја преземе улогата како наследник на Лорд Пич во март 2025 година.
М. Д. / Цивил Медиа