Додека болниците се соочуваат со недостаток на лекови, пациенти чекаат со месеци за прегледи, а здравствениот систем колабира, министерот Арбен Таравари има поинакви приоритети. Наместо да инвестира во болници и медицинска опрема, тој ја предаде контролата врз паркингот на Клиничкиот центар на приватна фирма, при што државата ќе добива само симболични 1% од приходите, истакнуваат од СДСМ.
СДСМ вели дека оваа одлука не само што предизвикува економска штета, туку отвора сомнежи за можни корупциски договори во Министерството за здравство.
– Фирмата „Ѓока Контракшн“, која ја доби концесијата, е единствениот понудувач на тендерот, што отвора прашање: Дали тендерот бил однапред местен?
Моделот на јавно-приватно партнерство сам по себе не е спорен, но условите под кои е склучен договорот се крајно неповолни за државата. Наместо државата да го задржи паркингот и да ги искористи приходите за подобрување на здравството, цели 99% од профитот ќе завршуваат во приватни раце.
Зошто Министерството за здравство воопшто распишало ваков тендер, кога веќе постојат државни компании кои управуваат со паркинзи? Зошто не се разгледала можноста за државно управување, што би значело дека целата добивка би останала во здравствениот буџет? – прашуваат од СДСМ.
СДСМ го повика министерот Таравари јавно да одговори кои се неговите лични мотиви во оваа зделка. Дали зад ова стои некаква провизија? Дали парите од овој договор ќе завршат во приватни џебови, додека болниците немаат основни услови за лекување на пациентите?
Истовремено, опозицијата бара Владата веднаш да го објави целиот договор, како и сите документи поврзани со тендерската постапка. Јавноста има право да знае како и зошто овој договор е склучен, особено ако постои сомнеж за корупција.
Овој случај е уште еден пример за тоа како власта ги става приватните интереси пред јавниот интерес. Наместо да ги решава проблемите во здравството, Министерството за здравство создава нови скандали. Додека граѓаните бараат квалитетно здравство, власта, очигледно, бара нови бизниси, соопштуваат од СДСМ.