Тренерот на Барселона, Ханси Флик, изјави дека неговиот тим постигнал голем успех со пласманот во полуфиналето на Лигата на шампиони, додавајќи оти неговите играчи, и покрај вчерашниот пораз од Борусија Дортмунд во четвртфиналниот реванш, играат брилијантно досега во тековната сезона.
„Отидовме понатаму и тоа беше нашата цел. Фантастично е клубот да се пласира во полуфиналето на Лигата на шампиони. Тоа е голем успех и ние сме многу среќни поради тоа. Игравме против одлична екипа каква што е Борусија Дортмунд, која ни го направи животот многу тежок. Единствено важно е што сме во полуфиналето“, посочи Флик.
Барселона се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампионите и покрај тоа што во изминатата вечер загуби од Борусија Дортмунд со 1:3 во реваншот од четвртфиналето.
Шпанскиот клуб победи со 4:0 во првиот меч од двомечот на домашен терен и го елиминираше бундеслигашот со вкупен резултат 5:3.
„Мораме да гледаме на позитивните работи, а не на негативните. Имаме одличен тим кој игра брилијантно досега и тоа е она што е важно“, додаде Флик.
Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, изјави дека е многу среќен што неговиот тим се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампиони, но оти имало лоши моменти за неговиот тим во второто полувреме на вчерашниот реванш четвртфинален натпревар против Астон Вила во Бирмингем.
„Во второто полувреме се мачевме, беше многу тешко за нас, но мислам дека тимот и играчите мораат да бидат подготвени. Многу сме среќни, втора година по ред сме во полуфинале и мислам дека тоа е многу добро“, наведе Енрике, во изјава за официјалната веб-страницата на францускиот клуб.
ПСЖ загуби од Астон Вила со 2:3 во реваншот од четвртфиналето на гостински терен во Бирмингем, но се пласираше во полуфиналето, откако победи на првиот натпревар во Париз со 3:1 и со вкупен резултат 5:4 го елиминираше англискиот тим.
Противник на ПСЖ во полуфиналето ќе биде победникот од двомечот помеѓу Арсенал и Реал Мадрид. Англискиот клуб победи на првиот натпревар во Лондон со 3:0.