Лилјана и Митко Василеви од Неготино со години се занимаваат со копаничарство и му даваат душа на дрвото. Бројни копаничарски дела имаат произлезено како плод на нивната макотрпна работа со многу труд, љубов и внимание. Двајцата посветени екологисти, вљубеници во природата и планинарството, со години творат уметнички дела, од кое секое со своевидна животна приказна што нуди емоции.
Со години работат на резбарскиот занает, веќе две децении се основачи и членови на здружението „Стари занаети”, што твори во простории во центарот на градот. МИА деновиве фотографираше неколку од нивните најнови дела, со извонредни приказни, што чиниш дека ги раскажуваат додеа ги гледате.
На врвот
-Ова копаничарско дело е насловено „На врвот”. Врвот е секогаш нешто по што тежнееме сите во животот. Кон планинскиот врв, кон врвот на својот успех и на сопствената кариера. Таа вечна битка да се биде најдобрата верзија од себе, ја претставив преку неколку личности издлабени во дрвената маса. На едната страна е планинарот што тежнее кон планинарските највисоки височини. На другата, работник, мајстор надничар, во работничка облека и капа на главата, кој преку примитивна и стара скала, бавно се обидува да се искачи за да ги заврши работните обврски. Тука е и бремената жена интелектуалка, која се движи по скалите на успехот, поминувајќи ги сите препреки што и ги носи животот, борејќи се за своите права. И на крај, тука е политичарот бизнисмен, кој лесно се качува во лифт со мобилен телефон и административна ташна во рацете. И замислете, само политичарот е тој што не стигнува до врвот, иако нему му е најлесно на тој пат до крајната цел, коментираше Лиле.
Пораката е јасна, подвлече таа, да се ослободи секојдневниот живот од политика и да се почитуваат различностите, сите да тежнеат кон тоа, да бидат најдобра верзија од себеси, за доброто на целиот свет.
Интересни се и нејзините други копаничарски дела. Доаѓајќи од Србија и мажејќи се во најлозарскиот дел од новата татковина, таа има изрезбано гроздови, претставени како бели дробови, упатувајќи порака со тоа дека грозјето е здравје и лек и дека го подобрува животот. Тука е и делото „благослов”, што ја слави љубовта, со порака дека клучот на среќата е токму во љубовта која се споделува со другите луѓе.
Нејзиниот сопруг исто така е автор на многу извонредни копаничарски дела, тие двајцата се тандем што никого не остава рамнодушен, се надополнуваат еден со друг и ги споделуваат со другите нивните вештини со дрвото, длетото и другите копаничарски алати. Луѓето се импресионирани од претставата на Митко за античките баханалии, веселбите во чест и слава на грозјето и виното, што на овие простори отсекогаш било симболот на божественоста. Ги фотографиравме и неговите цветови розетни наменети за тавани, цветовите како дел од симбиозата помеѓу природата и планинарството, изразена низ беспрекорна резба исполнета со магија и мистерија.
Вистината е во дрвото
Кога душата на човекот ќе се спои со душата на дрвото, се раѓа вечноста, вели Василев. За повеќето луѓе вистината е во виното, но за Митко во дрвото е вистината. Според него, благородноста на дрвото е во неговата душа, а кога душата на човекот ќе се спои со душата на дрвото, се раѓа вечноста.
– Така било, така и ќе биде, вели Василев.
Митко има 65 години. Неговата љубов кон копаничарството постоела отсекогаш, а поинтензивно изминатите над триесетина години. Уште како дете бил махер за цртање, но неговата прва голема љубов станала глината.
-Долго време бев опседнат со глината и со можноста од неа да правам фигури. По периодот на себебарање, го открив мојот уметнички пат, копаничарството, вели Митко.
Најпрвин почнал да работи со братот на својата сопруга Лилјана и оттогаш има изрезбано многу дела, член на здружението на копаничари на Македонија е од 1997 година. Здружението „Стари занаети” го формирале во 2004 година двајцата со сопругата, заедно со уште неколкумина ентузијасти. Тоj вели дека во секое од нив, во секое парче дрво ги остава својот белег и печатот на едно време.
-Работам и по неколку часа дневно. Во моментов исто така работам на нови копаничарски остварувања, вели тој.
На Митко секогаш му е најомилено последното дело, затоа што се уште трае мистичноста од соединувањето на уметникот и дрвото во едно. Признава дека има дела што ќе му лежат на срце додека е жив. Имало и такви дела за кои иако им понудиле пари, како „благословот” на Лилјана, решиле да не го продаваат, ами да биде дел од домашната богата колекција.
Како и да е, Лиле како инженерка која, за жал, никогаш не нашла работа по својата струка за која што се школувала, заради различни животни околности и нејзиниот сопруг пензионер од ТЕЦ Неготино, секојдневно му докажуваат на светот дека успехот е можен и покрај безбројните препреки на патот. Исто како и во уметничкото дело на Лилјана, за подемите и падовите во животот. А сите млади што покрај нив го печат копаничарскиот занает, имаат среќа што токму од нив го учат марифетот за мајсторијата на дрвото. Тоа дрво што му дава смисла на животот. Тоа дрво на кое Василеви му даваат живот.
Светлана Дарудова / МИА