МИРОСЛАВ ЈОВАНОВИЌ
Ние сме општество во кое како еден од главните национални спортови се преферира политиката, без разлика дали станува збор за пиење пиво пред самопослуга или учество во политичка дебата на највисоко ниво. На крајот сѐ се сведува на добивки и загуби, победени – поразени, паметни – глупави и така до сто и една и назад. Суштински досадно.
Не е сѐ политика. Иако така изгледа. Денес, дури и кога ќе се гушнеш со некого, ризикуваш да бидеш обвинет за идеолошка наклоност. Ако прегратката или бакнежот се од лева страна, ти си буржуј. Ако е десна, ти си предавник.
Или беше обратно? А ти само сакаш кафе и некој да те праша онака под око, срамежливо – како си? Без анкета, без агресија, без анализа и заклучок. Само едно „како си?“ што значи „недостигаш“. Политиката можеш да ја исклучиш со далечинскo или со гаснење на екранот на својот мобилен телефон. Тоа не оди така со љубовта и сеќавањата на неа. Тие доаѓаат кога сакаш мир, кога најмалку се надеваш, и те носат таму каде што срцето зборува без микрофон или зборови. И не паметува многу.
Сите сме имале некого. Некој што не се спомнува пред другите. Некој, чие име уште отчукува некаде, длабоко во градите, како стара песна на грамофонска плоча – гребната, но жива, или кога на споменување на тоа име се вкочанувате без рационална причина, а срцето одненадеж почнува да ви забрзува како на ученик пред почеток на првиот час. Некогаш во сонот, некогаш во тишината додека пиеме кафе сами. Тоа се старите љубови. Старите љубовници. Не оние за кои се пишуваат статуси и се делат објави, туку оние за кои главно се молчи.
Старите љубови не се избришани. Не се прекинати. Тие едноставно се оставени во некој агол, со почит. Како писмо напишано со рака, врз пожолтена хартија, што никогаш не било испратено. И во тоа има некоја убавина. Тивка. Болна. Но благородна.
Знаете ли како се препознаваат старите љубовници кога случајно ќе се сретнат по долги години?
Таа малку ги спушта очите. Тој ја трие брадата, како да сака да избрише нешто. Поздравот е топол, но резервиран. Во него има многу нешта што не се кажани. „Како си?“ не значи само „како си?“. Тоа е цело поглавје. Во погледите се крие сè: и што било, и што можело да биде, и што никогаш нема да биде.
Тие не зборуваат многу. Старите љубовници веќе сè си кажале. И она што го кажале, и она што не се осмелиле да го кажат. Љубовта меѓу нив, ако некогаш била вистинска, никогаш не умрела. Таа само се преоблекла – во тишина, во разбирање, во оној нем поглед што трае половина секунда подолго отколку што е пристојно. Во денешнината, тие не се ни прашуваат зошто не останале заедно. Знаат. Животот, околностите, младоста што не знаела да почека. Но понекогаш, кога ќе се сретнат случајно, се случува она тивко треперење. Срцето за момент заборава дека има години, деца, брак, обврски. И повторно станува младо. Само за миг. Колку сте спремни да платите за тој миг, реторички прашувам.
Старите љубовници не се конкуренција на сегашноста. Тие се нејзина сенка или дамнешен блесок, во зависност од визурата. Можеби малку поубава. Малку потажна, нежна, меланхолична. Но вистинска. Тие се доказ дека љубовта не е само „да се биде заедно“, туку и „да се биде запомнет“. Дека понекогаш најсилните чувства остануваат недоискажани, незавршени, но токму затоа – бескрајни.
Нема ништо поемотивно од маж и жена што биле некогаш сè еден на друг, а сега се поздравуваат со „здраво, како децата?“, „…ти посакувам сè најдобро…“ и „се гледаме некогаш“. Таа реченица „се гледаме некогаш“ секогаш има две значења. Првото е буквално. Второто е „ќе се видиме во сеќавањата, во сништата, во старите улици по кои повторно никогаш нема да поминеме заедно“.
Тие љубовници никогаш не престанале да се сакаат. Само престанале да бидат заедно.
Во едно Скопје што брза, што заборава, што ги крши старите куќи за да изгради нови фасади, сè уште има ќошиња каде што стои љубовта. Ќе ја почувствуваш некогаш кога поминуваш покрај оградата крај некое старо школо во центар, кога ќе ја видиш онаа уличка каде што таа првпат ја допре твојата рака. Љубовта е таму. И љубовниците, иако одамна разделени, уште се заедно – во мислите на своите скришни места, станови, во песните, во мирисите.
Затоа, ако некогаш сретнете некого со кого некогаш сте биле на нешто повеќе од збор, не прашувајте „што ќе беше ако…“ Само погледнете. И насмевнете се. Затоа што стари љубови постојат. И љубовници постојат. Но нивниот однос денес не се мери во време, туку во длабочина, во тишина, во вечност.