Партијата за движење на Турците – ТХП остро го осудува денешниот чекор на Собранието на Република Северна Македонија за именување на нов Претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), кој, како што соопштуваат, „очигледно не ги исполнува поставените законски услови. Оваа одлука е јасен показател за партизација на регулаторните тела, што директно ја загрозува нивната независност и професионална функционалност“.
„МАПАС, како клучен регулаторен орган, треба да работи со највисок степен на стручност и транспарентност, далеку од какво било политичко влијание или притисок. Наместо тоа, денешната одлука покажува дека власта настојува да ги стави институциите под контрола, прекршувајќи ги основните принципи на демократијата и владеењето на правото“, велат од Партијата за движење на Турците.
„За време на претходната влада, ВМРО-ДПМНЕ постојано ги обвинуваше другите за „дуизација“ на институциите. Сега, со слични практики, се поставува прашањето: дали процесот на „вленизација“ е во тек? Доколку власта продолжува да ги игнорира критериумите за независност и стручност, јавноста ќе ги смета сите нејзини постапки за политички мотивирани. Партијата за движење на Турците – ТХП ќе продолжи да ги брани интересите на граѓаните и да се залага за спроведување на реформите во согласност со европските стандарди. Повикуваме на одговорност и почитување на законот, бидејќи само така може да се изгради доверба во институциите“, се наведува во соопштението од Партијата за движење на Турците.
Собранието во рамките на денешната работа по дневниот ред на 48-та седница со 60 гласа „за“ и 21 „против“ го именува Ремзи Бајрами за претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Тој доаѓа на местото на Максуд Али кој беше разрешен со 58 гласа „за“ и 18 „против“.
Пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ во своето обраќање рече дека судбината на 600 илјади лица кои во следниот период треба да добиваат пензија треба да се стави во рацете на Ремзи Бајрами, кој не ги исполнува условите.