Цената на нафтата денеска бележи пад од над два долари за барел по зголемените изгледи за постигање договор меѓу САД и Иран за иранската нуклеарна програма, што би можело да доведе до укинување на санкциите. Истовремено, неочекуваниот раст на резервите во САД донесе стравувања за прекумерна понуда на пазарот.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека САД се многу блиску до договор со Иран и дека Техеран речиси целосно ги прифатил предложените услови.
Фјучерсите на нафтата од типот „Брент“ до 10:05 часот централно европско време паднаа за 3,68 отсто, на 63,66 долари за барел, додека американската „WTI“ поевтини за 3,93 отсто, на 60,67 долари за барел.
Иран е подготвен на компромис во замена за укинување на економските санкции, изјави ирански претставник за „Ен-би-си њуз“.
-Падот на цените на нафтата, предизвикан од растот на резервите според податоците на ЕИА, беше дополнително забрзан од сигналите за намалување на несогласувањата во преговорите меѓу САД и Иран околу нуклеарната програма, рече Џон Еванс од „PVM“.
Според Агенцијата за енергетски информации (EИA), во неделата заклучно со 9 мај резервите на нафта во САД пораснале за 3,45 милиони барели, достигнувајќи 441,83 милиони барели.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во својот месечен извештај незначително ја намали проценката за растот на глобалната побарувачка во 2025 година, предвидувајќи зголемување од 1,30 милиони барели дневно во однос на претходната година, на вкупно 105 милиони барели дневно.