Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, денеска се обрати на Парламентарно-економскиот форум на Медитеранот, што се одржува во Маракеш, Кралството Мароко, нагласувајќи ја потребата од прекугранична соработка за справување со заедничките предизвици на Медитеранот.
Како што соопштуваат од Собранието, во своето обраќање, Гаши ја истакнал заложбата на Северна Македонија за регионална поврзаност и заеднички просперитет, нагласувајќи дека и покрај својата големина, земјата има амбициозна визија за иднината.
-Ние ја разбираме моќта на поврзаноста – економска, политичка и човечка, изјави Гаши, додавајќи дека Северна Македонија е подготвена да даде активен придонес во справувањето со предизвиците како што се климатските промени, миграциите и економските нееднаквости.
Тој повикал на создавање на механизми за инклузивни инвестиции, поддршка на младите генерации и унапредување на зелената економија, оценувајќи дека форумот во Маракеш е можност за конкретна акција, а не само за размена на идеи.
-Мораме да создадеме механизми за инклузивни инвестиции, да ги охрабриме младите генерации и да ја унапредиме зелената економија. Северна Македонија е подготвена да даде активен придонес, рече Гаши.
Претседателот на македонското Собрание посочил и дека законодавниот дом активно работи на усогласување на домашното законодавство со европските стандарди, со цел создавање на транспарентна, праведна и конкурентна економска средина.
Гаши упатил повик за продлабочување на соработката меѓу парламентите, бизнисите и граѓаните на медитеранските земји, со цел градење на заедничка иднина заснована на мир, просперитет и солидарност.