Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје во соработка со Центарот за едукација и уметност „Хана“ денеска, во Струга го организираат настанот „Уметноста има став“ каде познати и еминентни ментори ќе едуцираат 80 средношколци од различни градови низ државата како да создаваат музика, да изработуваат графити и илустрација, како да пишуваат авторски творби, но и како да интерпретираат политички говор и подготовка за настап.
Средношколците се поделени во пет групи за музика, литература, графити, илустрација и политика, водени од истакнати ментори: проф. Емилија Ристановска, проф. д-р Ненад Марковиќ, актерот Никола Ристановски, музичарката Сара Ташкоска, поетот Дарко Лешоски, илустраторката Калиопи Трпчева и графити уметникот Драган Китановски – Драш.
-Младите имаат што да кажат – преку креативноста, тие не само што учат за општеството, туку и активно учествуваат во неговото обликување, Финалниот настан ќе се одржи денеска напладне во хотел Дрим, кадешто публиката ќе има можност да присуствува на музички перформанс, изведба на политички говори и поетски творби, изложба на графити и илустрации од учесниците, најавуваат организаторите.
Програмата има за цел да го промовира креативниот активизам и учеството на младите во општествениот и културен дијалог преку иновативен спој на уметноста и политиката, посочуваат од Фондација Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје.